Главен истражувач: д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, научен советник
Соработник: д-р Венко Андоновски, редовен професор
Млади истражувачи: м-р Нина Стефановска и м-р Владо Ефтимов

Во проектот како најопшти цели се зацртани: разгледување на односот историја – книжевност, разгледување на односот факција – фикција и разгледување на категориите вистинитост и веројатност во рамките на македонскиот историски роман. Во досегашната работа на проектот идентификувани се речиси сите романи кои воспоставуваат некаков однос кон историјата и историското. Со оглед на собраниот материјал дефинирани се следниве типови романи: миметичко-репрезентативен, мемориско-фикционален, псевдоисториски роман со повеќе поткатегории. Се покажа дека и делата со постар датум и новите романи бараат современи приоди преку студиите за меморијата, идејата за историјата како дикурзивна формација и идејата за културата како место на кое се создава значењето. Ваквите приоди ќе дадат одговор на прашањата: зошто за македонскиот роман историјата и историското е доминантна тематска одредница, каква е идејата за историјата во дијахрониски след, кои се стилските изразни средства за искажување на одредени идеолошки ставови, кои се стереотипните слики за односот помеѓу историјата и романот, која е сликата за историјата во македонскиот роман, кое е значењето на историскиот роман од аспект на естетизација на топосот Македонија и кој се импликациите на македонскиот идентитет.